Џенаро Гатузо никој не го памети како добар техничар од играчката кариера, но сепак беше еден од оние кои блескаа на теренот. Тоа што немаше добра техника, Гатузо го надополнуваше со својата борбеност, пожртвуваност и тркачки квалитети.
И сега како тренер, Гатузо нема да се предаде без разлика кој е ривалот. Пред Џенаро можеби е најголемиот предизвик во тренерската кариера. Со Наполи ќе се обиде да ја елиминира Барселона во осминафиналето од Лигата на шампионите. Првиот меч се игра утревечер во Неапол, а Гатузо знае дека најголемата опасност ќе ја има од Лионел Меси.
„Меси веќе со години е најдобар во светот и е пример за сите. Тој прави работи кои ги има само на Play Station. Тоа се назамисливи работи“, рече Гатузо за играта на Меси.
Аргентинецот посебно блесна на последниот меч за Барселона, кога во саботата даде четири гола во победата од 5:0 против Ејбар во првенството на Шпанија. Сепак, Ејбар и Наполи не се со ист квалитет, а и мечевите од Лигата на шампионите секогаш се посебно динамични и неизвесни, па утревечер на „Сан Паоло“ ќе има голема борба на секој дел од теренот.