4.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025

Гатузо се извини на навивачите и откри зошто Италија загуби убедливо од Норвешка

Италија на неславен начин ги заврши квалификациите за СП 2026, откако на свој терен во Милано загуби со 1:4 од Норвешка. По овој неуспех, Аѕурите завршија како втори во групата и сега ќе продлжат во баражот за пласман на Мундијалот.

Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо беше разочаран по поразот на „Сан Сиро“ и најави дека неговите фудбалери не смее да се плашат кога ќе излезат на теренот.

„Прво сакам да се извинам на нашите навивачи затоа што пораз од 1:4 е тежок резултат за нас. Во првото полувреме игравме добро, се однесувавме како вистински тим, но потоа следуваше големо разочарување во второто полувреме. Вториот дел го одигравме многу послабо од нашите стандарди. Честитки до Норвешка за оваа победа“, рече Гатузо, а потоа анализираше каде беа направени грешките за да се примат четири погодоци и тоа за само едно полувреме.

„Во првото полувреме притискавме на вистинскиот начин, но потоа почнавме премногу евтино да ја губиме топката, да ѝ дадеме на Норвешка простор за игра. Ја изгубивме топката, имавме многу погрешни додавања и бевме притиснати на нашата половина. Тука треба да се промениме и да се подобриме, се исплашивме“, објасни Гатузо.

Сега Италија оди на пауза и нема да биде повторно заедно до неколку дена пред полуфиналето на плејофот на Светското првенство на 26 март, со надеж дека ќе можат да го играат и финалето на 31 март и да го обезбедат своето место на турнирот.

Како Италија загуби од Норвешка во Милано може да погледнете ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести