Интер се радуваше на 222-рото градско дерби во Милано, откако Мауро Икарди со погодок во 92-рата минута им донесе радост на навивачите на „нераѕурите“. Милан успеваше да се одбрани сè до почетокот на судиското надополнување, но потоа се случи лоша проценка на голманот Донарума, која Икарди не пропушти лесно да ја казни.
Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо, кој како играч беше познат како голем фајтер до самиот крај, овојпат мораше да признае дека подобриот тим победил.
„Интер беше подобар на теренот и секако дека заслужи повеќе од нас. Сепак, останува да ни биде жал бидејќи загубивме на овој начин. Во последните 15 минути можевме многу подобро да ги изиграме контранападите кои ги имавме. Сепак, задоволен сум од начинот на кој мојата екипа одигра во овие 90 минути“, рече Гатузо, кој одби вината за поразот да ја префрли на голманот Донарума.
Сосема поинаква беше атмосферата во таборот на Интер. Стрелецот на голот, Икарди, вели дека е уште посреќен што токму во 92-рата минута стигнале до победата.
„Изминатата недела размислувавме само за дербито и рековме дека мора да победиме. Едноставно, тоа беше нашата цел која ја зацртавме. Можевме и порано да го решиме дуелот, но вака ми е уште помило што победивме со гол во 92-рата минута“, рече Икарди, кој додаде дека Интер мора да продолжи да игра во овој ритам.