Александар Трајковски беше стрелец на победничкиот гол за Хајдук на дерби-мечот од хрватското првенство против Риека. Сплитските „бели“ со оваа победа останаа во трка за титулата, иако шансите им се само теоретски.
Легендарниот Џенаро Гатузо, кој од клупата го предводи Хајдук, по мечот му се извини на нашиот фудбалер за малата минутажа која ја добиваше.
„Тој го заслужи овој гол. Кога го постигна голот, лесно можеше да ме испрати ‘таму каде што не треба’ со оглед на малата минутажа. Имаше проблеми со повредите. Како тренер, морам да му се заблагодарам. Секогаш е во добро расположение. Немав никакви проблеми со него“, вели Гатузо.
Веќе е познато дека Италијанецот на крајот од оваа сезона ќе си замине од Хајдук, а како најсериозен наследник се споменува името на Славен Билиќ.