[

Газдата на Брентфорд може да држи предавања за тоа како успешно се раководи клуб

Изминативе денови можеа да се прочитаат и да се видат голем број на вести поврзани со инвестицискиот фонд од Саудиска Арабија кој го купија Њукасл, и одма со тоа се подгреаа трансфер шпекулациите за мега засилувања.

И тоа е сосема јасно бидејќи вредноста на овој фонд е проценета на повеќе од 350 милијарди евра и се многу побогати од сите останати 19 Премиерлигаши заедно.

И не е некоја научна филозофија од каде е толкавото богатство, со оглед на тоа колку нафта и природен гас има во Саудиска Арабија.

Далеку поинтересна е приказната за Брентфорд, кој оваа сезона е хит во Премиер лигата. Во моментов се седми, а на почетокот на сезоната успеаја да ги победат Арсенал со 2:0, а со моќниот Ливерпул одиграа возбудливи 3:3.

Сопственикот на овој тим, Метју Бенхам може да држи предавања на останатите газди како успешно се раковиди клуб, особено во ваков кризен период, каде што голем број на колективи се соочуваат со неверојатни финансиски загуби.

Бенхам може да се пофали со диплома по физика на Универзитетот во Оксворд, добиена 1989 година. Следните 12 години, тој работи како потпретседател на Банката на Америка, но, следеше потполна промена во професијата.

Во 2001 година, тој се приклучи на една компанија за обложување, каде што се запознава со еден од најдобрите обложувачи во светот, Тони Блум, кој е актуелен сопственик на Брајтон. Ова пријателство кое ќе трае наредните две години, за потоа да Бенхам да ја напушти оваа компанија и да стане професионален обложувач, каде што ќе заработи милиони во периодот што претстои и ќе основа свој синдикат под името „Smartodds”.

Следи уште поголем успех и нов прилив на милиони, а следна негова цел е спасување на тимот за кој навива од детството, Брентфорд. Во 2007 година овој тим беше пред финансиски колапс, а еден од неговите најверни фанови уплати позајмица од 700 илјади евра, а тие пари да му бидат вратени од навивачите, доколку не биде сторено тоа, тогаш клубот преминува во негова сопственост. И во 2012 токму тоа се случи.

Покрај овој клуб, Бенхам го купи и Митјиланд за 10 милиони евра, доведувајќи голем број на тренери-аналитичари кои со своите идеи ќе го отфрлат традиционалниот метод на работа. Тоа што беше добро, се имплементираше во Брентфорд, а лошото беше фрлено во „канта“.

И двата клуба победите и поразите ги ставија во втор план, а најважно нешто им беше напредокот. Индивидуалниот број на голови на играчи не им беше важенн, туку тимскиот.

Една од најважните промени е отфрлањето на младинските категории, каде што останатите клубови даваат неверојатни суми. Наместо тоа, Брентфорд стави акцент на „Б“ тимот кој е составен од играчи од 17 до 21 година, сметајќи дека за вистинска процена на реалната цена на еден играч потребно е околу 35 натпревари на највисоко ниво.

Овој експеримент се покажа како успешен, а за тоа говори и продажбата на неколку играчи како: Оли Воткинс (купен 2 милиони евра, продаден 30 милиони евра), Саид Бенрахма кој е купен за три, а продаден за околу 40 милиони евра и Нил Маупај (купен 2 милиони евра, продаден 25 милиони евра).

Првичните резултати не дојдоа одма, туку по една декада, кога Брентфорд успеа преку плеј-оф да се пласира во Премиер лигата. Актуелната вредност на тимот е околу 300 милиони евра, а доколку успеат да останат и во наредните сезони таа ќе надмине и 400 милиони.

Позајмица од 700 илјади евра која сега е проценета над 300 милиони евра, а својот тим од детството го гледаш како игра во Премиер лигата.

Навистина неверојатна приказна.

 

- Оглас -

Најнови вести