Сопственикот на НБА-тимот Далас маверикс, контроверзниот бизнисмен Марк Кјубан, не ја отфрли можноста да се вклучи во трката за претседател на САД. Со оглед на тоа дека Кјубан не би бил кандидат на една од двете најголеми политички партии, шансите да победи и да стане прв човек на САД му се само теоретски, но можеби ќе си ја испроба среќата.
„До пред еден месец воопшто не размислував на такво нешто, но сега работите се сменија брзо и драматично. Не велам сигурно не, туку ја оставам вратата отворена, во процес на размислување сум. Не знаеме што може да се случи од сега до ноември“, изјави Кјубан.
Кјубан, кој има 61 година, особено во минатото често добиваше големи парични казни за неговиот „долг јазик“, нема проблем да го каже тоа што го мисли во врска со НБА и политиката. Сега тој смета дека американската администрација лошо излегува на крај со пандемијата. Рокот за кандидирање на независни кандидати за претседател на САД помина во некои сојузни држави, но Кјубан разгледува неколку варијанти.