Јувентус и Наполи требаше, но не играа вечерва во Торино. Играчите на Јувентус се појавија на теренот, но таму ги немаше гостите. Имаше информација дека мечот е одложен бидејќи регионалната комисија за здравство не му дозволи на Наполи да отпатува за Торино по двата случаи на заразени играчи кај Наполитанците, меѓу кои е и Елиф Елмас, заедно со Пјотр Зјелински.
Сепак, Фудбалската федерација на Италија, ФИГЦ, објави дека тие не го одложиле мечот, а потоа се огласи и првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели. Сопственикот на Старата дама потсети дека според протоколот за корона-вирусот, мечот треба да се одигра ако тимот има 13-мина здрави играчи.
„Во вакви ситуации, протоколот е јасен. Предвидени беа ваквите ситуации и сè е јасно. Секако дека најважно е здравјето на фудбалерите, но токму поради тоа се направи тој протокол, за да може да продолжиме да играме фудбал. Вчера и ние имавме двајца позитивни во клубот и сите бевме во изолација за да бидеме подготвени за овој меч против Наполи. Правилата се јасни!“, рече Ањели.