Светот на фудбалот е полн со изненадувања, а таму каде што има многу пари, ништо не е невозможно. Затоа и „Ла Република“ пишува дека во Милан се подготвува нешто интересно и дека клубот по деценија разочарувања, сака да ја врати својата слава.
Сопственикот на брендот „Луј Витон“, Бернар Арно (втор најбогат човек на светот, проценет на 93 милијарди евра), има интерес да стане сопственик на Милан, би платил 975 милиони евра и има „луди“ идеи околу тоа кои фудбалери треба да го засилат тимот. За Арно, најдобар тренер на светот е Пеп Гвардиола и сака да го ангажира него, заедно со најдобриот играч на светот, Лионел Меси. Меси неофицијално најавува дека во 2021 може да си замине од Барселона, но досега го поврзуваа со трансфер во САД.
Ако не му успее планот со Гвардиола и Меси, тогаш Арно има и План Б. Тоа значи Јирген Клоп на клупата и Килијан Мбапе во нападот. Како и да е, со Арно како сопственик, може да се очекува Милан да направи фудбалски земјотрес во светот и „хаос“ на трансфер-пазарот, нешто слично како Челзи во летото кога за сопственик го доби Роман Абрамович.
Од поскромните идеи на Милан, но најбрзо што може да се реализираат, уште во јануари, тоа е напаѓачки тандем Јовиќ-Ибрахимовиќ. Росонерите се фаворити за потписот на Ибрахимовиќ, кој е слободен од 1 јануари, а Јовиќ, кој не се снаоѓа во Реал, би се пробал во Италија. Како ново име во тимот се спомнува и Бразилецот Евертон од Гремио.