Сопственикот на грчкиот кошаркарски гигант Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, доби десетмесечна забрана за присуство на спортски настани, како и парична казна од 20.000 евра, поради инцидент за време на финалната серија од грчкото првенство. Казната е изречена од страна на Спортската арбитража, која реагираше поради сериозноста на случајот што фрли сенка врз целиот шампионат.
На денот кога Панатинаикос и Олимпијакос го играат третиот меч од финалето, Јанакопулос доби официјално известување дека нема да смее да присуствува на остатокот од серијата за титулата.
Покрај него, казнет е и тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, кој ќе треба да плати 5.000 евра. Играчот Костас Слукас ќе биде казнет со 1.100 евра, додека Јоанис Папапетру и Матијас Лесор се ослободени од обвиненијата.
Дополнително, клубот Панатинаикос ќе треба да плати казна од 54.000 евра, што дополнително ја оптоварува касата и го зголемува тензиите во грчката кошарка, кои се присутни веќе подолго време.
До пред два дена постоеше неизвесност дали финалната серија ќе продолжи, но конечното решение беше постигнато во средата, кога двете страни се согласија дека исходот треба да се реши на теренот.
Серијата моментално е изедначена 1-1, а третиот натпревар се игра вечерва од 20 часот во салата „Оака“, без присуството на Јанакопулос, што ќе биде необична сцена за навивачите на Панатинаикос.