Компанијата „Сити фудбал груп“, која поседува 14% од акциите на актуелниот англиски првак, започна процедура за откупување на францускиот второлигаш Нанси. Франшизата се шири и на француска почва, Нанси ќе биде осмиот клуб во сопствеништво на газдите на Манчестер сити.
Покрај Граѓаните, франшизата поседува акции во: шпанскиот клуб Жирона, американскиот Њујорк сити, австралискиот Мелбурн, уругвајскиот Атлетик Торк, јапонскиот Јокохама маринос, како и кинескиот клуб Сичуан јиуниу.
Засега не е позната сумата за која сегашниот сопственик на Нанси ќе го продаде клубот, но се верува дека инвестициите ќе го вратат второлигашот во француската елита. Тој проект евентуално ќе почне од следната сезона бидејќи Нанси нема шанси оваа сезона да се врати меѓу прволигашите затоа што моментално го зазема 14-тото место во Лига 2.