Пари Сен Жермен и Реал Мадрид за неколку дена ќе одиграат дуел од групната фаза од Лигата на шампионите, а денеска ја имаат генералната проба и последна проверка на формата пред меѓусебната дерби пресметка.
Реал од 13 часот го пречекува Леванте, со надеж дека конечно ќе ги израдува своите навивачи на „Сантијаго Бернабеу“, каде тимот игра полошо отколку на гостувањата. Леванте ќе се обиде да остане непоразен, исто како лани, а има и зошто да се надева, во Реал фалат доста играчи од средниот ред. Сепак, во белиот тим ќе има еден екстра мотивиран фудбалер, тоа е Еден Азар. Човекот кој беше скапо платен и донесен од Челзи, денеска ќе дебитира, и ќе сака да се покаже во добро светло.
Од 17.30 часот во Париз, „светците“ го пречекуваат Стразбур. ПСЖ во финишот на преодниот рок го купи голманот Кејлор Навас, го доби на позајмица Мауро Икарди, па овие две ѕвезди од американскиот континент се очекува за првпат да се појават на „Паркот на принцовите“ како домашни фудбалери. Но, во составот на ПСЖ ќе биде и Нејмар. За него не се знае каква ќе биде реакцијата на фановите, кои му беа лути кога тој честопати кажуваше дека сака да си оди од клубот, и скандираа навредливи зборови кон него.