Генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, дипломира на престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP)!

Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев, успешно ја заврши престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP), една од водечките програми за развој на лидери во светот на спортот, под покровителство на Насер Ал-Келаифи, претседателот на ПСЖ и ЕФЦ.

Ненад е првиот Македонец кој во областа на спортскиот менаџмент достигнува вакво ниво на образование и професионално усовршување на Харвард, едeн од најпрестижните универзитети во светот.

Ова достигнување е резултат на неговата посветеност, визија и континуирано вложување во развојот на професионализмот и лидерството во спортот. На оваа програма студентите беа под директно менторство на светски познатата Анита Елберс, која е професорка по бизнис-администрација „Линколн Филин“ на Харвардската бизнис-школа, каде што предава, спроведува истражувања и пишува за тоа како хит производите, супер ѕвездените таленти и големите организации успеваат во креативните индустрии.


Поради нејзината влијателна улога во медиумите и спортското највисоко образование, многу познати личности учествувале во нејзините програми, ги посетувале нејзините курсеви или биле предмет на нејзините академски истражувања и студии на случаи на Харвард, меѓу кои: Леброн Џејмс, Дејвид Бекам, Мохамед Салах, Сер Алекс Фергусон, Жерар Пике, Кака и Оливер Кан.

„ФК Работнички е горд што во својот клуб има ваков кадар кој континуирано се усовршува и ги претставува Македонија и македонскиот фудбал и спортот воопшто, на највисоко светско ниво.
Нашиот Генерален секретар преку оваа програма не само што ги надгради своите знаења и вештини, туку и беше дел од одбрана група на водечки фудбалски професионалци од кремот на европскиот клупски фудбал, ПСЖ, Јувентус, Манчестер Сити, Челзи, Њукасл, Монако, Ајакс, Баер Леверкузен, Премиер лигата и „Адидас“, што уште повеќе ја потврдува неговата улога како пример за македонскиот спортски менаџмент.

Ова е уште една потврда и за долгогодишната доверба кој ја ужива кај раководните луѓе во EFC, најмногу поради неговиот ангажман и придонес во раководството и работните групи на ЕФЦ (до скоро позната како ЕКА, Европска клупска асоцијација).

Сите ние во ФК Работнички му честитаме и му посакуваме уште поголеми успеси во иднината, продолжувајќи да ја претставува Македонија на највисоко светско ниво во спортскиот менаџмент“, истакнаа од клубот од Дебар Маало.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести