Пари Сен Жермен се искачи на првото место на табелата во првенството на Франција, во исчекување на денешниот меч на Ленс против Оксер. ПСЖ на свој терен со сигурни 3:0 го победи Лил, во дуел кој требаше да биде дерби на 18. коло.
Главна ѕвезда на дуелот на „Паркот на принцовите“ беше Усман Дембеле кој ги постигна првите два гола, а потоа во 90+3 минута Баркола само го потврди триумфот на актуелниот француски, но и европски првак.
Моментот кој го одбележа мечот се случи во 64 минута кога Дембеле погоди за 2:0. Фудбалерот кој беше прогласен за најдбар во светот за 2025 година, го потврди приматот откако изведе виртуозен потег. Дури четворица фудбалери беа околу Дембеле и голманот кој беше подготвен да брани, а францускиот репрезентативец направи „магија“ кога реши да ја „поткопа“ топката и да ги изненади сите. Противниците беа немоќни да го блокираат тој удар, а голманот кој беше излезен неколку метри од гол-линијата, залудно се обидуваше да одбрани.

