Арсенал за првпат по 60 години доживеа четири порази по ред на свој терен. Не му одеше ниту со Унаи Емери како тренер, ниту со неговиот привремен наследник Фреди Љунгберг, а ниту Микел Артета не тргна добро. Вчера загуби од Челзи благодарение на кардиналната грешка на голманот Бернд Лено, кој им помогна на Сините да изедначат како прв чекор кон пресвртот.
Негативната серија на Топчиите е предмет на потсмевање на Островот, а легендарниот англиски напаѓач Гери Линекер саркастично, во свој стил, ги прокоментира резултатите на Арсенал, кој сега е поблиску до зоната на испаѓање отколку до првите четири места кои водат во Лигата на шампионите.
„Пораз, но има добри знаци во играта на Арсенал со Артета. Убеден сум дека ќе изборат опстанок“, напиша Линекер на „Твитер“.
Наредната шанса на Арсенал конечно да совлада некого и Артета да ја извојува првата победа како главен тренер ќе ја имаат на 1 јануари, на свој терен против Манчестер јунајтед, во дуел кој некогаш беше супердерби во Премиер лигата и меч кој решавал за титули.