Легендата на Манчестер јунајтед и англискиот фудбал, Гери Невил, се пензионираше во 2011 година, а сега откри и колку заработувал. Последната сезона во редовите на Црвените ѓаволи имал плата од 2,6 милиони евра, односно околу 50.000 евра неделно, што е неспоредливо со денешните плати кои ги имаат фудбалерите.
„Не преговарав за моите договори, само ги потпишував, не ми беше грижа. Што и да ми понудеа, само велев – во ред е, не ми е гајле“, вели Гери Невил.
На ова доби одговор од друга англиска легенда, 61-годишниот Јан Рајт, кој вели дека тоа било премала плата за фудбалер како Гери Невил.
Гери Невил настапуваше за Манчестер јунајтед од 1992 до 2011 година, собра над 600 настапи и освои сè што можеше да се освои во светот на фудбалот.