Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јоаким Лев, потврди дека ќе си замине по завршување на Европското првенство кое се игра ова лето. Лев е дел од националниот тим од 2004 година кога беше асистент, а во 2006 година ја доби довербата да биде селектор.
По 15 години на чело на една од најдобрите репрезентации во светот, Лев си заминува како светски првак од Мундијало во 2014 година.
„Сто отсто сум сигурен за мојата одлука дека е време да си заминам. Горд сум и навистина ми е чест што дури 17 години работев за развој на репрезентацијата. Имавме ѕвездени моменти како што е освојувањето на Мундијалот, но и лоши кога губевме на значајни натпреварувања. Благодарен сум на сите со кои соработував во овој долг период“, рече Лев на прес-конференцијата.
Лев и Германија сега се подготвуваат за стартот на квалификациите за Светското првенство во Катар. На 25 март Панцерите дома ќе играат против Исланд, три дена подоцна ќе гостуваат кај Романија, а на 31 март четрикратниот светски првак ќе биде домаќин на Македонија.
Нашата репрезентација против Германија во Скопје треба да игра на 11 октомври, што значи дека гостите на клупата ќе имаат нов селектор.
Joachim #Löw will step down as national team head coach after @EURO2020. pic.twitter.com/t4OuyQmaSC
— Germany (@DFB_Team_EN) March 9, 2021