Германија и со играч помалку пресилна за Естонија, Коцкестите ремизираа во Кардиф

Германија ја оствари петтата победа по шест меча во евроквалификациите откако на гостувањето во Талин Панцерите славеа со убедливи 3-0 против Естонија. Селекцијата на Јоаким Лев речиси цел натпревар мораше да игра со 10-мина фудбалери бидејќи Емре Џан заработи директен црвен картон во 14-тата минута поради непромислен остар старт.

Сепак, исклучувањето на Џан не донесе проблеми за Германците, туку уште повеќе се разиграа, па во второто полувреме ја наполнија мрежата на Естонците. Гундоган до 58-мата минута се запиша како двоен стрелец, а ако имаше дилеми до тогаш, ги разреши Вернер за 3-0 во 71-вата минута.

Германија сега има 15 бода во квалификациската група Ц, исто колку и Холандија, додека Естонија го претрпе шестиот пораз.

Велс и Хрватска ремизираа при конечни 1-1 во дуелот кој се одигра во Кардиф. Светскиот вицепрвак поведе преку младиот Влашиќ само по девет минути игра, а израмнувачкиот погодок Велшаните го дочекаа во третата минута од судиското надополнување во првото полувреме.

Бејл изгради простор за удар во шестнаесетникот на Хрватите и без потешкотии го совлада Ливаковиќ. За Велс ова не е добар резултат бидејќи останаа на четвртото место во групата Е со осум бода, додека Хрватска речиси го обезбеди пласманот на ЕП 2020 бидејќи со 14 бода и натаму се лидери.

https://twitter.com/Fze32/status/1183467901556330497

- Оглас -

Најнови вести