Германија ја победи Италија на „Сан Сиро“, но Нагелсман предупредува: Шансите се 50-50

Во дуелот на двете најтрофејни европски репрезентации, Германија ја победи Италија, и тоа во Милано со 2:1. Тоа беше прв меч од четвртфиналето во Лигата на нациите, а сега Панцерите на свој терен треба да го потврдат пласманот во полуфиналето.

Тонали ја доведе Италија во водство уште во деветтата минута, но Германија направи пресврт во вториот дел и со два погодоци стигна до победа.

„Не почнавме добро, иако имавме поголем посед на топката. Прво примивме гол, но потоа реагиравме и го покажавме нашиот непоколеблив карактер. Италија се бранеше поинаку од претходните натпревари. Се адаптиравме и Клајндиенст израмни веднаш по влегувањето на теренот. Горецка одигра многу добар натпревар. По сето она што го направи, тој е во одлична форма на репрезентацијата“, вели селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, кој и покрај победата, е претпазлив.

„Нашата предност е минимална. Ова е опасен резултат. Ќе разговараме со момците во деновите пред реваншот. Не сум загрижен, но мислам дека ни претстои интересен натпревар. И Спалети и јас ќе се обидеме да ги поправиме работите кои не ни успеаја денес. Шансите за пласман во полуфиналето остануваат 50:50. Останува уште еден натпревар. Да, имаме предност од еден гол, но сакам во реваншот да играме како првиот меч да завршил 0:0“, вели предводникот на Германија.

- Оглас -

Најнови вести