Славниот германски дефанзивец, Џером Боатенг, одлучи да стави крај на фудбалската кариера на 37-годишна возраст. Во својата кариера беше светски шампион со Германија, а со Баерн Минхен освои се што можеше да се освои во светот на фудбалот.
Пред само 13 дена потпиша за австриски ЛАСК Линц, но сега го раскина договорот и одлучи дека е време за пензија.
„Долго играв за големи клубови и за мојата земја. Учев, победував и губев. Фудбалот ми даде многу. Сега е време да продолжам понатаму. Не затоа што морам, туку дека сум подготвен за тоа. Благодарен сум на се. На моите екипи, навивачите и на луѓето кои ме поддржуваа. Над се, на моето семејство и децата кои секогаш беа со мене. Семејство, пријатели, навивачи – време е.“ – напиша Боатенг во емотивна објава на социјалните мрежи.
Боатенг во својата богата кариера настапуваше за Херта Берлин, Хамбургер, Баерн Минхен, Манчестер сити, Лион, Салернитана и ЛАСК Линц. За репрезентацијата на Германија одигра 76 натпревари и го освои Светското првенство во 2014 година.
Има трофеј и од младинското Европско првенство во 2009 година, а на клупски план освои девет трофеи од Бундеслигата со Баерн Минхен, но и двапати го крена пехарот од Лигата на шампионите.