Некогашниот германски голгетер, а сега и фудбалски тренер, Јирген Клинсман, ги повика челниците на УЕФА и ФИФА да го укинат правилото за пет измени на натпреварите и да се врати правилото со три измени. Правилото со пет измени на еден меч се воведе за време на пандемијата на корона-виусот, а Клинсман е незадоволен затоа што уште се применува.
„Тоа беше ковид-правило, а короната заврши. Треба да се врати да има по три измени и екипите да имаат по 23-ца фудбалери на големите натпреварувања. Разбирам дека тоа правило беше неопходно пред три години, но не и сега“, рече Клинсман.
Поранешниот фудбалери и селектор на Германија вели дека правилото со пет измени може да биде и контрапродуктивно за тренерите.
„Сега е проблем за нас тренерите што имаме право на пет измени затоа што постојано размислувате дека може да внесете свежи нозе на теренот. Сепак, мислам дека дури и ако играчите на теренот делуваат со уморни нозе, уште може да направат разлика на теренот“, вели Клинсман.