Германците размислуваат за необичен експеримент за новата сезона во Бундеслигата, која може да почне и да се игра цел месец без најдобрите екипи.
Планирано е стартот на циклусот 2020/21 во германското првенство да биде на 11. септември, но без учесниците во еврокуповите, кои би се приклучиле на 2. октомври.
Оваа идеа е за да им се помогне на најдобрите клубови во Германија, кои ќе имаат набиен распоред сезонава, најмногу поради пандемијата со Ковид-19.
Баерн и Лајпциг ќе мора да играат во август во Лигата на шампионите, а во осмиот месец од годинава уште три германски екипи ќе ја доиграат и сезоната во Европа Лигата.
Баер Леверкузен го чека реваншот од осминафиналето со Глазгов Ренџерс и е со одлични шанси за пробив меѓу најдобрите 8 екипи, откако победи во Шкотска со 3:1.
Волфсбург и Ајнтрахт ќе имаат многу потешки задачи да анулираат негативи на гостински терен против Шахтар и Базел. Волфсбург ќе стартува на реваншот во Украина со 1:2, а Орлите од Франкфурт се пред елиминација, откако загубија дома со 0:3 од швајцарскиот тим.
Лајпциг веќе е четвртфиналист во ЛШ по елиминацијата на ланскиот финалист Тотенхем, а таму речиси сигурно ќе се најде и Баерн, кој има предност од 3:0 против Челзи пред реваншот во Минхен.
Германците размислуваат и за втора солуција, почетокот на новата сезона во Бундеслигата да биде во финишот на септември, а да се скрати зимската пауза.