По освојувањето на Ролан Гарос, се крена фама околу повредата на Рафаел Надал. Наводно тој боледува од Милер-Вајс синдром, односно игра со умртвен живец на левата нога.
Сепак, германски ортопеди се скептични дека Шпанецот има некроза. Тие тврдат дека Надал воопшто не би можел да спортува на професионално ниво доколку навистина боледува од таа болест.
„Таа болест и спорт на највисоко ниво не одат заедно во комбинација. Не сметам дека има некроза бидејќи тоа е болест која постепено напредува и е навистина тешко да спортуваш неколку часа без прекин. Би му била потребна огромна доза аналгетици за да не чувствува болка додека игра“, тврдат ортопедите.
Сепак, Надал и понатаму се натпреварува на највиско ниво, моментално е еден од фаворитите за освојување на Вимблдон, каде што денес во второто коло ќе се сретне со Беранкис.