Германскиот гигант потврди дека минатото лето им бил понуден Роналдо

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ, потврди дека во летниот преоден рок можел да го ангажира португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо, но дека ја одбил понудата, пишува „Билд“.

Салихамиџиќ, кој минатото лето на „Алијанц арената“ во Минхен ги донесе Матајс де Лихт од Јувентус и Садио Мане од Ливерпул, одби да го ангажира Роналдо, кој тогаш настапуваше за Манчестер јунајтед.

Спортскиот директор на Баерн откри дека бил контактиран од поранешниот агент на Роналдо, Жорж Мендеш, кој му рекол дека Португалецот сака кариерата да ја продолжи во германскиот шампион.

„Разговаравме за Роналдо, но јасно му кажав на Мендеш дека нема ништо од таа работа. Тој трансфер не би му одговарал на Баерн ниту на финансиски, ниту на спортски план. Едноставно, Роналдо не се вклопува во нашата филозофија“, изјави Салихамиџиќ за „Билд“.

Роналдо во ноември минатата година го раскина договорот со Манчестер јунајтед и во зимскиот преоден рок го потпиша најголемиот договор во историјата на фудбалот, за тимот од Саудиска Арабија, Ал-Наср. Португалецот за две и пол години во Ал-Наср ќе заработи неверојатни 500 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести