Екипата на Арминија Билефелд направи големо изненадување откако се пласира во полуфиналето на германскиот Куп. Во четвртфиналето Арминија Билефелд со 2:1 го елиминира бундеслигашот Вердер од Бремен.
Мариус Ворл ја најави сензацијата откако погоди во 35-тата минута за водство на третолигашот, а шест минути подоцна веќе беше 2:0. Оливер Бурке во 56-тата минута намали на 1:2, но Вердер немаше сили да се спаси од пораз.
Арминија Билефелд е првиот третолигаш во историјата на Купот кој успеал да елиминира четири екипи од Бундеслигата во низа. Откако е формирана Бундеслигата во 1963 година досега ниту еден друг нисколигаш не направил ваков подвиг.
Покрај Арминија Билефелд, во полуфиналето место обезбедија и Баер Леверкузен и Штутгарт, а вечерва треба да биде познат последниот патник по дуелот меѓу Лајпциг и Волфсбург.