На помалку од 100 дена до почетокот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, селекторот на германската репрезентација, Јулијан Нагелсман, најави дека ќе има промена во составот, со што сигурно внесе немир кај дел од играчите. Дополнителна тензија се внесе по мечот меѓу Реал Мадрид и Хетафе, на кој германскиот репрезентативец Антонио Рудигер имаше еден брутален старт врз противникот.
Во средината од првото полувреме, фудбалерот на Хетафе падна на тревата, а Рудигер брутално со коленото го удри прво во лицето, а потоа му ја смачка раката. Неверојатно е тоа дека ниту судиите на теренот, ниту од ВАР-собата не реагираа на овој брутален старт на Рудигер, но лошото за фудбалерот на Реал е што снимката стана вирална во Германија, а веќе некои сугестии се овој играч да не биде повикан во репрезентацијата за Светското првенство кое ќе се игра летово.
View this post on Instagram
Највлијателниот и најтиражен весник во Германија, „Билд“, побара Рудигер да биде исфрлен од националниот тим порад тој старт над противникот.
„Рудигер не смее да патува на Светско првенство. Ова не беше тежок фаул, ова беше напад. Тој не знае да се контролира. Ваквото однесување ги крши основните правила во спортот, а тоа постојано му се случува. Ова веќе е неприфатливо. Имаме други одбранбени играчи како Ник Шлотербек и Џонатан Та. Некој кој постојано ги губи нервите не смее да оди на СП“, пишува Билд.
Рудигер веќе 12 години е дел од националниот состав и важи за еден од најдобрите дефанзивни фудбалери. Има 81 настап за Германија, но сепак ако му се повтори ваков испад на Мундијалот, таму ВАР-собата „нема да замижи“ и Германија може да биде сериозно казнета на некој клучен дуел.

