Германците се задоволни од ждрепката во Цирих на која како фаворити од првиот шешир ги добија за противници Романија, Исланд, Македонија, Ерменија и Лихтенштајн во квалификациите за Мундијалот во Катар во 2022 година, но сепак се внимателни.
„Кикер“ ги анализира сите противници на популарниот Елф и одреден простор и внимание и даде и на Македонија. Потсетуваат дека Македонија е земјата од која е Саша Ќириќ, легенда на Нирнберг, а секако се запознаени и со историскиот успех и пласман на нашата репрезентација на ЕП што ќе се игра идната година.
„Секако дека ќе бидат аустајсдери против Германија, но мора да внимаваме, особено кога ќе им гостуваме. Знаат да изненадат против посилни селекции од нив, а сега се и во подем по пласманот на Европското првенство. Дали големиот шампион и ветеран Горан Пандев ќе игра во квалификациите не се знае, а со него Македонија е многу незгодна селекција“, стои во мини-анализата на „Кикер“ за Македонија, противникот на четирикратниот светски првак Германија во Ј групата за пласман на СП 2022 година.
Само првопласираната репрезентација од секоја од десетте групи има загарантиран настап на Мундијалот во Катар, а десетте второпласирани селекции и двете најдобри од Лигата на Нации ќе играат дополнителни баражи за последните три билети од Европа за пат во Катар.