Германија ќе ни биде гостин на 11 октомври во Скопје, во мегадуелот од квалификациите за настап на Мундијалот во Катар, а популарните Панцери ќе го имаат и триото Кимих, Горецка и Гундоган, сите тројца рангирани како дел од најдобрите десетмина играчи за врска на светот во моментов.
Изборот го направи реномираното списание „FourFourTwo“ и ниту една друга селекција нема повеќе играчи за врска во Топ-10 од Германците.
Македонија ќе ѝ биде домаќин на Германија на 11 октомври во Скопје, во меч од осмото коло во Ј групата за настап на Светското првенство во Катар.
Во март годинава на сензационален начин ги нокаутиравме Германците во Дуисбург со победа од 2:1, подвиг што е оценет како најголем во овие квалификации.
Тогаш средниот ред на Елфот го сочинуваа токму Гундоган, Кимих и Горецка, а се очекува повторно да бидат во експедицијата што ќе допатува во Скопје и повторно ќе игра против Македонија.
Според „FourFourTwo“ најдобар играч за врска во моментов е Португалецот Бруно Фернандеш од Манчестер јунајтед, а зад него се Кевин де Бројне, Жоржињо, Погба, Верати, Кимих, Канте, Гундоган, Горецка и Маркос Љоренте.