Германците не го сакаат Лев за селектор на ЕП, Реал Мадрид е заинтересиран

Германските медиуми речиси без исклучок бараат Јоаким Лев да не биде селектор на Елфот на Европското првенство во јуни и јули годинава, иако така е договорено со Фудбалската федерација, ДФБ.

Лев е под баражен удар на критики по поразот од Македонија со 1:2 во Дуисбург вчеравечер, а освен медиумите, и дел од германските фудбалски легенди истакнаа дека Лев веќе го истроши кредитот и не треба да ја води Германија на ЕП.

„Се чудам како Томас Милер и уште неколку искусни и квалитетни играчи не се дел од репрезентацијата. Се виде нивното отсуство и вчера на мечот против Македонија. Лев вели дека играчите немаа енергија и беа уморни, но и тој изгледа така“, вели Ули Хенес, една од најголемите германски фудбалски легенди.

Новинарите на „Билд“ се уште поостри и бараат Лев веднаш да добие отказ. „Лев веќе ги истроши кредитите. Изгледавме смешно на теренот против Македонија. Време е веднаш да си замине“, е дел од коментарот посветен на вчерашниот меч во Дуисбург.

Интересно е што утринава шпански „АС“ објави дека Реал Мадрид е заинтересиран за селекторот на Германија, кој го води Елфот од 2005 година.

Тој е еден од најсериозните кандидати за да го замени Зинедин Зидан во 2022 година, кога му истекува договорот на сегашниот тренер на Реал Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести