Германците не сакаат план Б – Размислуваат само за камбек на терен на 16 мај

Сите 18 бундеслигаши денеска имаа состанок преку вообичаената видеоврска во услови на пандемија од корона-вирус, но заклучок нема за планот Б, односно што би било доколку се случи сепак да нема услови германското првенство да се доигра.

Во игра беа два предлози во случај да нема испаѓање, а да се промовираат двете најдобри екипи од Цвајта во нови бундеслигаши, со што од идната сезона би имало 20 клуба. Секако, ќе треба и да се прогласи или не нов шампион на Германија, но состанокот заврши без конечна одлука.

Десет клуба беа за да нема испаѓање, а 8 се против, по што е објавено дека ќе се бара солуција во моментот кога би дошло до конечен прекин на Бундеслигата.

Моментно работите се движат во насока дека ќе има фудбал во Германија, одлуката на Владата за рестартирање на шампионатот на 16 мај се почитува и се очекува во сабота од 15.30 часот со мечевите од 26-тото коло да се врати германското првенство во нормален колосек.

Секако, публика на стадионите ќе нема, ќе мора строго да се почитуваат препораките од здравствените власти напишани во документ на 51 страница, но Германците се оптимисти дека без проблем ќе ја доиграат фудбалската сезона 2019/20.

До крајот има уште 9 кола, а Баерн е лидер со 55 бода, пред Борусија Дортмунд со 51, Лајпциг со 50, Борусија Менхенгладбах со 49 и Баер Леверкузен со 47 како единствени кандидати за титулата.

 

- Оглас -

Најнови вести