Ги изненадивме Италија, Англија, Холандија… зошто да не и Германија?

Македонија првпат ќе игра дуел против единствената европска репрезентација која четири пати била светски првак, тоа е Германија. Според освоените трофеи и успеси низ историјата, тоа е најтрофејната селекција на Стариот Континент, а сега за првпат ќе биде на мегдан со нашите најдобри фудбалери.

Во светски рамки, Германија е апсолутен фаворит на овој меч, но ние имаме надежи и верба дека може и да се случи некакво чудо и да останеме непоразени на ова гостување во Дуисбург. Селекторот Игор Ангеловски, потенцираше дека Македонија секогаш има посебен мотив да се докаже против големите противници, а дека тоа е така, се гледа и од резултатите низ историјата.

ЛЕКЦИЈА ЗА АЅУРИТЕ ВО ТОРИНО

Македонија има играно со многу светски велесили, а имало мечеви на кои сме покажале дека можеме да се носиме и со најдобрите. Најсвеж пример за тоа е ремито 1:1 против трикратниот светски првак Италија, и тоа на гости во Торино. На 6 октомври 2017 година, во квалификациите за СП 2018 бевме рамноправни на теренот.

Италија поведе со голот на Џорџо Кјелини, а Александар Трајковски израмни во 77-мата минута. И статистиката од тој меч вели дека Македонија беше егал со Аѕурите. Двете селекции упатија по три директни удари во рамките на головите, а Македонија изведе четири корнери, еден повеќе од домаќините. На овој меч, малку фалеше Македонија да направи и целосен пресврт и да победиме.

ИМАМЕ НЕРЕШЕНО И НА ГОСТИ КАЈ ХОЛАНДИЈА, А ЧУДОТО ВО САУТХЕМПТОН УШТЕ СЕ ПАМТИ 

Во квалификациите за СП 2006 година игравме во група со Холандија и двапати одигравме нерешено. Во октомври 2004 година, Пандев и Стојков погодуваа во Скопје во ремито 2:2, а една година подоцна одигравме 0:0 во Амстердам.

Нерешеното во Амстердам не одекна толку многу како што беше кога одигравме 2:2 на гости кај Англија. Тоа беше меч од квалификациите за ЕП 2004 година, а Македонија гостуваше на „Сент Мери“ во Саутхемптон. Англија со Дејвид Симан на голот, а во стартниот тим со Гери Невил, Ешли Кол, Стивен Џерард, Дејвид Бекам, Пол Сколс, Мајкл Овен и останатите беше огромен фаворит.

Сепак, на теренот ситуацијата беше поинаква. Нашите репрезентативци не се уплашија и со спектакуларниот гол на Артим Шаќири директно од корнер поведоа со 1:0 уште во 11-тата минута. Дејвид Бекам израмни само три минути подоцна, но потоа следуваше нов шок за Англичаните. Ванчо Трајанов погоди за 2:1 за Македонија во 25-тата минута. Одговорот стигна преку Стивен Џерард во 36-тата минута за 2:2, резултат кој остана до крајот и Македонија непоразена си замина од теренот на големиот фаворит. Против Англија имаме и едно реми 0:0 во Скопје.

 

- Оглас -

Најнови вести