Изминатата седмица кошаркарскиот свет беше трогнат од поранешниот НБА-кошаркар Тони Снел, кој упати јавен апел и молба да го ангажира некој НБА-тим за да може да им помогне на синовите кои имаат аутизам.
Снел во НБА-лигата влезе 2013 година како 32-ри избор на драфтот и играше сè до 2022 година, но му недостасува уште една сезона во најсилната кошаркарска лига на светот за да може да добие бесплатно здравствено осигурување за него и за неговото семејство, со што би си ги решил финансиските проблеми за лекувањето на синовите кои имаат три и две години.
Според правилата на колективниот договор меѓу НБА-лигата и кошаркарите, секој играч кој ќе игра десет години во најсилната кошаркарска лига, ќе влезе во програмата на НБА која целосно го покрива здравственото осигурување за неговото семејство.
За да можеше да добие бесплатно здравствено осигурување, Снел до втори февруари требаше да биде ангажиран од НБА-тим до крајот на сезоната, но, за жал, ниту еден не се јави.
Според новинарот Џек Фишер, екипите ги имаат пополнето составите и за да потпишат со Снел до крајот на сезоната, ќе мора да отпуштат некој активен играч и поради тоа не одговориле на апелот на кошаркарот.
Но, за Снел не е загубена шансата бидејќи тој сè уште е активен кошаркар и игра во развојната лига и постои можност да биде ангажиран следната сезона, посебно сега кога сите екипи знаат за неговиот голем проблем.