Во летото 2010 година Раул Гонзалес го напушти Реал Мадрид по 16 години и заигра за Шалке 04 во Бундеслигата. Вечниот капитен на Кралевите имаше две одлични сезони за тимот од Гелзенкирхен настапувајќи на 98 натпревари во кои постигна 42 погодоци. Своите фудбалски способности и елеганција ги пренесе од Шпанија во Германија и не му требаше многу време да стане миленик на навивачите на Шалке, а статусот на легенда секако му помогна.
Во тој период Раул ја делеше соблекувалната со Кристијан Фукс, австрискиот бек кој моментално ги брани боите на Лестер. Фукс откри дека редовно ги мотивира своите соиграчи со видеоснимки од Раул од времето кога заедно играле во Шалке.
„Редовно им покажувам на соиграчите видеоснимки од Раул. Беше неверојатен. Раул не беше само феноменален фудбалер, туку и џентлмен и една од најмилите личности кои сум ги запознал во животот. Тој е инспирација за многу денешни фудбалери. Ми се оствари сонот кога заиграв заедно со него“, истакна Фукс.
Раул по Шалке заигра уште за Ал-Сад и Њујорк космос, кариерата ја заврши во 2015 година, а моментално е тренер на тимот Б на Реал Мадрид.