Ги опи успехот против Барселона, експресно со нокаут ги отрезни Монако
Пари Сен Жермен го губи чекорот во битката за домашната титула по неуспехот вечерва.

Фудбалерите на Пари Сен Жермен премногу долго го славеа блескавиот успех и победата од 4:1 против Барселона во Лигата на шампионите, а вечерва ги отрезнија играчите на Монако со голема победа од 2:0 на „Паркот на принцовите“.
Популарните Кнезови го нокаутираа францускиот шампион со головите на Диоп во шестата минута од првото полувреме и со погодокот на Марипан во шестата минута од вториот дел.
Иако ја имаа топката во посед, со убедливи 74 отсто во свој посед, Мбапе, Икарди, Кен и останатите играчи на ПСЖ не успеаја да постигнат гол, а примија два и се оддалечија од врвот на табелата.
Актуелниот првак остана на третата позција со 54 бода, два повеќе од Монако, четири помалку од Лил и еден зад Лион во исклучително интересната трка за титулата во Лига 1 во Франција.
Во исто време од 21 часот се играше и мечот во шпанската Ла Лига, а Атлетик Билбао и Вилјареал одиграа нерешено, 1:1.