Гибралтар се осоколи, ќе ја предизвика Шпанија

Гибралтар се осоколи по двете победи во Лигата на Нации и сака да игра пријателски меч со Шпанија. Двата соседи немаат добри политички релации, откако на почетокот на овој век народот на Гибралтар ја одби идејата за Унија со Шпанците.

Оттогаш двете земји имаат затегнати односи, а во играта е вмешана и Велика Британија, па проблемот не е решен. И поради ови причини и УЕФА одлучи Гибралтар и Шпанија да не можат да бидат во иста група и на престојната ждрепка на 2. декември, кога ќе се одреди составот за квалификациите за ЕП 2020 година.

Сепак спортистите секогаш се чекор напред, а Гибралтар наскоро ќе и понуди на Шпанија пријателски меч.

„Ние би биле воодушевени, ако успееме да одиграме пријателски меч со Шпанците. Сега и односите на двете фудбалски федерации се добри и во наредниот период би сакале да играме со Шпанија. Ја следиме нивната лига, тие се фудбалски гиганти и за нас би било одлично, ако се реализира идеата“, вели Михаел Љамас, првиот човек на Фудбалската федерација на Гибралтар.

Оваа селекција е во нашата група во Лигата на Нации, а со нив ќе го играме последниот меч во првата фаза од Д сегементот. Гибралтар ќе ни биде гостин на 19. ноември во Скопје, а Љамас има позитивно мислење за новиот проект на УЕФА.

„Лигата на Нации е како измислена за нас помалите земји. Порано не игравме фудбал, само се браневме со сите играчи на нашата половина, бидејќи во квалификациските мечеви постојано бевме аутсајдери. Сега играме со рамноправни селекции на нас, или со репрезентации на кои им се доближуваме во квалитетот, што е одлично“, вели Љамас.

И токму во овој циклус Гибралтар најпрво ја забележа историската победа на официјален меч, откако ја изненади Ерменија со триумф од 1:0 во Ереван, а потоа го победи и Лихтенштајн и со 6 бода е на делба на второто место во нашата група.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести