Гичевска: Жално е што добивме шанса по десет години и не ја искористивме

Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва со поразот од 23:31 од Романија го заврши настапот на Европското првенство. Ракометарките во групата Ц доживеаја три порази, од фаворитите Франција (14:24), Холандија (15:30) и во дуректниот дуел за пласман во втората фаза, од Романија.

Токму против Романија избраничките на селекторот Љубомир Савевски го одиграа најдобриот натпревар на континенталниот собир, одиграа со срце, но не успеаја да остварат позитивен резултат во првиот настап на ЕП по пауза од десет години. Македонија последен пат на ЕП настапи во 2012 година во Србија.

„Штета е што не го искористивме овој момент, да играме пред домашна публика на едно големо натпреварување. Жално е што по десет години добивме шанса да играме ваков собир дома. Дадовме сè од себе. Сметам дека бевме рамноправни речиси во целиот натпревар со Романија, а во моментите кога имавме падови во играта, се виде слабата ротација. Романките се менуваа со многу ракометарки, а тие кои требаше да не заменат нас стартерите се навистина многу млади и се за нијанса понеискусни. Ние и покрај поразот, на крајот „прославивме“ со песна бидејќи ни беше мило да играме пред своја публика на ваков собир. Можеби ни недостасуваше поголема анализа на противниците, поискусен ростер. Се надевам дека овие ракометарки што добија шанса, ќе прераснат во подобри играчи и ќе имаме посилен тим. Мислам дека ќе се радуваме на успеси во иднина“, изјави Леонида Гичевска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести