Главчев: Луѓето кои ја истуркаа оваа работа ќе бидат дел од мојот тим

Томица Главчев беше единствен кандидат за претседател на КФМ и едногласно ја доби довербата на делегатите на денешното Вонредно собрание во Скопје.

„Луѓето кои ја истуркаа оваа работа и беа дел од иницијативниот одбор за промени во федерацијата, ќе бидат дел од мојот тим. Благодарност до господинот Младен Ѓуроски. Ветувам дека ќе бидам транспарентен. Ќе ги посетам сите градови и региони во кои се игра кошарка. Мора да разговараме за сите проблеми и со градоначалниците и сопствениците на клубови во кој правец ќе одиме.

Ќе направиме стратегија за репрезентациите во сите категории. Би сакал организацијата на младинските првенства да не бидат исклучиво од финансиски причини. За женската кошарка треба да се разговара посериозно и да бидат позастапени во средствата за информирање.

Ни треба и анализа за актуелниот систем за натпреварување. Одлуките ќе ги донесеме заедно. Треба да ја подобриме соработката со тренерската и судиската организација“, рече Главчев во првиот говор како претседател.

Изгласан беше и нов Управен одбор на КФМ во кој ќе бидат и Александер Павлов, Норик Селими, Никола Митревски, Тане Димовски, Драган Иванов, Савица Неделковска и Никола Ефтимов кои ги предложи Главчев. Федерацијата доби и нов Надзорен одбор.

- Оглас -

Најнови вести