Раководството на Кошаркарската федерација откри со какви проблеми се соочува А тимот во моментов. Некои од повозраните играчи не биле расположени да се појават на мечевите во август, но ќе се направат напори и тие убедените да имаат пократок летен одмор и да помогнат на важните мечеви летово.
„Се молиме со играчи да дојдат во националниот тим. Ако не чувствуваме обврска да се игра за својата земја, џабе ни е. Има такви кои ѝ вртат грб на репрезентацијата“, откри првиот човек на КФМ, Томе Главчев.
Генералниот секретар Томче Стојчевски даде интересно објаснување зошто решиле августовските дуели од претквалификациите за СП да се играат во Куманово, а не во Скопје.
„Немаме многу сали кои ги исполнуваат ФИБА условите. Сакавме децентрализација на кошарката, но реалната ситуација е дека немаме повеќе од три сали кои ги исполниваат условите. Ова се претквалификации и може да се прогледа низ прсти. Има недостатоци и во салата во Кале. Првиот меч е на 2 август, ние скопјаните за празници сакаме да го напуштиме градот и не знам дали може да сметаме дека ќе ја наполниме салата во главниот град, затоа се одлучивме за Куманово. Илинден е голем празник, очекуваме и отворањето на салата да биде празник на кошарката“, објасни генералниот секретар на КФМ.
Селекторот Илиевски објасни дека подготовките треба да почнат на 10 јули. Тимот прво ќе тренира во Скопје, па во Гевгелија, на 25 и 26 јули планирани се контроли со Швајцарија, потоа ќе се работи два-три дена во Скопје, а на крајот пред првиот меч со Романија ќе се тренира во Куманово.