Трансферот на некогашната НБА ѕвезда, Глен „Биг бејби“ Дејвис, во Задар, предизвика огромно внимание во кошаркарските кругови во Европа, но Американецот си замина уште пред да го одигра својот прв меч во јадранската лига.
Договорот беше потпишан во понеделникот, Дејвис дојде во Задар во средата, навивачите го гледаа на првиот тренинг во четвртокот, се очекуваше дебито против Цедевита, но во петокот, пред закажаното претставување, центарот се пожалил на цревна вироза.
Во Задар велат дека Дејвис сам решил да си оди, иако од клубот дале максимум за да го задржат. Дејвис увидел дека ќе треба да игра многу натпревари, дека АБА лигата е сериозна, и оти ќе треба на некои гостувања да патува по 7-8 часа, и одеднаш го зафатила носталгија. Побарал зголемување на платата, и да не мора да тренира двапати дневно.
Верзијата на кошаркарот е поинаква.
„Ме гледаа како некое лошо момче. Кога тренерот ќе користи најпогрдни зборови кон играчите, и ве третира лошо, тоа е проблем. Тешко е да се игра за таков човек. Жал ми е за навивачите на Задар, клубот мораше да плати повеќе за да останам таму“ – е изјавата на Дејвис која тој ја објави на Инстаграм, па ја избриша.