Го боли отказот од ПСЖ: Покетино ја спореди политиката на Светците со Манчестер сити

Пред помалку од еден месец Маурицио Покетино беше разрешен од тренерската позиција во ПСЖ, а сега конечно за првпат отворено прозборе околу отказот.

За аргентинските медиуми, Покетино изјави дека Парижаните немаат трпение, што е сосема различно од политиката на Манчестер сити, кои со еден менаџер (Пеп Гвардиола) веќе седум години се обидуваат да ја освојат Лигата на шампионите.

„Секој клуб води различен проект. На пример, Ливепрул и Манчестер сити долги низ години им даваат доверба на едни исти тренери во обид да го освојат најпрестижниот пехар. Во ПСЖ пак, очекуваат уште при самото доаѓање во клубот да го донесеш и европскиот трофеј. Ова што го кажувам не е критика, туку само правам споредба. Титулата во Франција ја освоивме со 15 бода предност, но кога испаднавме од Реал Мадрид, знаев дека ќе имам проблеми. И Сити стана шампион во Англија и исто така беше елиминиран од Реал, но управата на тој клуб му го донесе Халанд на тренерот Гвардиола. Тоа е знак дека уште му веруваат и дека одново го отпочнуваат проектот наречен Лига на шампиони. Како и да е, ПСЖ со тек на време сигурно ќе стане европски шампиони, ги има сите услови за тоа. Е сега, има доста фактори на кои не може да се влијае, едноставно фудбалот некогаш знае да биде сосема различен од она што се замислува“, истакна Покетино.

На неговото место во Париз пристигна Кристоф Галтие, кој со Лил во сезоната 2020/21 ја освои титулата во Франција, но и тој има задача да триумфира во Лигата на шампионите, инаку не му бега шут-карта.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести