За првиот хуманитарен тикет за 2021 година решивме да го поканиме стрелецот на голот кој го донесе првиот трофеј на Вардар во самостојна Македонија. Тоа беше на 23 мај 1993 година, кога во финалето на Купот, Вардар и Пелистер играат на „Градски стадион“.
Беше 0:0, сè до 88-мата минута, кога Жанко Савов ја затресе мрежата на Пелистер и му донесе радост на Вардар. Тој погодок беше доволен за Црвено-црните да стигнат до пехарот во Купот, а неколку дена подоцна и официјално беа прогласени и за шампиони во првото првенство на самостојна Македонија.
„Убави беа тие времиња. Се сеќавам на финалето. Полн стадион, одлична атмосфера, дуел на две екипи во кои имаше многу квалитетни фудбалери. Беше неизвесно и мило ми е што на крајот јас го дадов голот кој ќе се памети. По постигнувањето на голот, се стрчав кон трибината каде што беа Комитите. Таков беше договорот меѓу нас играчите. Кој и да го даде голот, да се стрча кон Запад и да прослави со нив затоа што тие беа нашите најверни фанови“, се сеќава Савов и додава дека навистина е жално што во македонскиот фудбал тешко може да се врати тоа време.
„Ривалството меѓу Вардар и Пелистер започна уште во времето на поранешна Југославија. Во овие клубови играа најквалитетните играчи и секогаш беше интересно за гледање. Во минатото не можеше секој да го носи дресот на Вардар, се знаеше дека тие што беа најквалитетни, играа за Вардар, па затоа и доминиравме во првите неколку години во самостојна Македонија. Жално е што сега домашниот фудбал не може да биде ни од далеку на нивото со квалитет како пред 30 години и тешко ми е замисливо дека две домашни екипи ќе може да го наполнат стадионот како што ние тогаш го направивме во финалето на Купот“, вели Савов, кој додава дека воопшто не е убава ситуација во која сега се наоѓа Вардар.
Некогашниот играч на Црвено-црните, Пелистер, Цементарница вели дека не е изненаден што Македонија успеа да се пласира на Европското првенство затоа што ова е најквалитетната селекција која сме ја имале.
„Речиси сите фудбалери играат во силни првенства. Имаме играчи во Италија, Англија, Шпанија, Португалија, каде што е квалитетот на високо ниво. Заслужено ќе играме на ЕП, а тоа е плод на неколкугодишната работа и во помладите категории. За жал, нашите клубови немаат сили да ги задржат квалитетните играчи, па често тие заминуваат во странство. Видовте што се случува во Вардар сега. Еден човек реши да се откаже од спонзорството и сега клубот е во многу лоша ситуација. Кога игравме ние, Управниот одбор на Вардар беше многу силен, составен од влијателни луѓе и не можеше да се доведеме во ситуација ако еден замине, да пропадне клубот“, објаснува Савов.
Фудбалерот кој во Вардар помина три сезони, во кои освои пет трофеи, вели дека знае понекогаш да уплати ливче, а посебно би бил среќен ако успее да го погоди хуманитарниот тикет. Навивач е на Ливерпул, па не можеше, а да не го одигра „кец“ во дербито со Манчестер јунајтед.
„Ливерпул ми е симпатичен тим уште од времето. Клуб со традиција, на „Енфилд роуд“ секогаш атмосферата е фантастична, а и секогаш играл квалитетен фудбал. Овој тим на Ливерпул покажа дека има квалитет и очекувам да победи во дербито“, анализира Савов, кој направи тикет со осум меча, а евентуалната добивка е 32.170 денари.