Еден од култните македонски клубови е и Тетекс од Тетово, но навивачите на овој клуб беа шокирани од развојот на настаните минатата сезона и испаѓањето на клубот во Третата лига. Сепак, една година подоцна, тагата се претвори во радост, а Тетекс веќе ја оствари првата цел за оваа сезона и го освои првото место во Третата лига – Запад.
На големо изненадување на многумина, раководството на клубот се одлучи да се потпре на млад играчки кадар кој потекнува од академијата на Тетекс, како и млад тренер во името на Марјан Билбилоски, поранешен фудбалер и капитен на тетовските „текстилци“.
Тетекс на убедлив начин ја совлада конкуренцијата и го освои првото место во Западниот регион, а сега ја чека ждрепката за баражот за пополнување на Втората лига, но едно е јасно – пет од шесте екипи кои ќе играат во баражот следната сезона ќе бидат второлигаши.
„По една тешка сезона за Тетекс и испаѓањето во Третата лига, прашање беше дали клубот сè уште ќе постои или ќе биде исклучена и последна светилка во клупските простории по 72 години постоење. По испаѓањето во Третата лига, кога беше доведено во прашање опстојувањето на Тетекс, во клубот остана само капитенот Меритон Салији. Така, иако прежалени од голем дел навивачи и целата спортска јавност, шанса добија младите играчи од нашата академија, кои играа во младинската Супер лига. Со напорна работа, секојдневни тренинзи, обезбедени и мали финански средства, успеавме да склопиме тим кој истовремено настапуваше и во сениорска и во младинска конкуренција. На полусезоната се засиливме со неколку фудбалери и успеавме во нашата прва цел, а тоа е прво место во Третата лига – Запад, но и пласман на младинските категории во Супер лигата. Ни останува уште бараж-натпреварот во кој ќе се обидеме да се вратиме во Втората лига по една добра сезона оваа година, тренинзи на дожд, снег, но и тренинзи само на половина терен на игралиштето на АМС во Тетово. Да се надеваме дека со пласманот во Втората лига и младинската Супер лига за наредна сезона ќе привлечеме уште некој спонзор. Целта на клубот е во иднина темел на екипата да бидат играчи од Тетово и од нашата младинската академија, а поцврст темел од тој во светот на спортот не може да има. Сакам да им се заблагодарам и на нашите навивачи, „Војводи“, кои во текот на целата сезона беа нашиот дванаесетти играч, беспоштедно навиваа и нѐ следеа на секој натпревар“, вели тренерот на Тетекс, Марјан Билбилоски.
Сите во Тетово се надеваат дека успешната сезона на Текстилците ќе биде крунисана со враќање во второлигашката конкуренција, а за одличните игри на Тетекс оваа сезона доказ се и фотографиите од сé поисполнетата трибина на теренот на АМС.
Можни противници на Тетекс во баражот за пополнување на Втората лига се Осогово од Кочани, Шкендија од Арачиново, Слога од Виница, Преспа од Ресен и Големо Коњари од истоименото прилепско село. Место во второто по ранг македонско натпреварување ќе има за пет од шесте екипи учеснички во баражот.
Во продолжение тикетот, кој доколку биде добитен, средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.