Го фалат и хрватските медиуми – Аријан Адеми е господин и кога губи

Аријан Адеми не успеа да дојде во позиција да го крене пехарот во Хрватскиот куп како капитен на Динамо Загреб, но доби многу комплименти од медиумите за потегот што го направи по поразот во финалето.

Динамо Загреб загуби со 1:3 од Риека, а капитенот на популарните „модри“ и македонски репрезентативец по мечот во Пула, влезе во соблекувалната на големиот ривал и им го честиташе освојувањето на трофејот.

„Направивме многу сезонава, одигравме маестрално и во Европа и во шампионатот, но сега останува жал за пехарот во Купот. Ѝ честитам на Риека“, изјави Адеми.

По цели 50 години, Динамо презими во Европа, со одлични настапи во Лигата на Европа, а испадна во осминафиналето во двомечот со Бенфика. Во шампионатот на Хрватска, Адеми и соиграчите убедливо се први и веќе ја освоија титулата, што е оценето како одлична сезона за „модрите“ од Загреб.

- Оглас -

Најнови вести