Во 12-тото коло на Премиер лигата, екипите на Манчестер сити и Арсенал не го одиграа овој дерби-дуел затоа што Топчиите мораа да играат во заостанат меч против ПСВ во Лигата на Европа, па играчите на овие два тима не беа во комбинација за Фантази Премиер лигата.
Во Фантази Премиер лигата на Спорт Манија најуспешен во ова коло беше Марко Велјановски, кој со екипата на Referrizer united успеа да освои 75 бодови.
Адут на Велјановски беше искористувањето на џокерот за броење на поените на играчите кои се на клупата за резерви, па тој едноставно во ова коло имаше дури 15-мина фудбалери во игра.
Дефанзивецот Трипие му донесе девет бодови, а тука се и Салах и Митровиќ, кои освоија по шест поени. Играчите кои му беа резерви, беа одлични и голманот Вард му донесе 9 бода, Ме освои шест, а Алмирон дури 10 поени, па на крајот овој тим е и најдобар во ова коло во групата на Спорт Манија.
Со над 70 бодови беше само уште и екипата на Антонио Костадиноски, Suvo dol, со освоени 71 бодови. Костадиноски го има погодено вистинскиот капитен за ова коло, а тоа е голманот на Ливерпул, Алисон, кој му донесе вкупно 30 поени. Освен што не прими гол, Алисон успеа да одбрани и пенал, па беше убедливо најзаслужен за минималната победа на неговиот тим, а Антонио иако немаше комплетен тим (двајца играчи не му донесоа поени), заврши како втор во ова коло.
Со по 69 поени во ова коло имаше повеќе екипи, но трет е Георги Стојанов со екипата Оne two three затоа што тој моментално е најдобропласиран во генералниот пласман од сите оние со по 69 поени во ова коло. Стојанов има вкупно 695 поени на своето конто. Алисон на голот му донесе 15 поени, а дефанзивниот ред му е одличен со Шер (5), Александер-Арнолд (8) и Трипие (9). Салах (6), Алмирон (10) и Митровиќ (6) беа одлични во средниот ред и нападот.
Првопласираните тројца во ова коло се освојувачи на вредносни ваучери во Sport Life. Првопласираниот Велјановски во ова коло си заработи ваучер од 300 денари, за вториот Костадиноски следува ваучер од 200 денари, а за Стојанов е обезбеден ваучер од 100 денари. Сите тројца треба да се пријават на Спорт Манија страницата на „Фејсбук“ со порака во Inbox за да може да го добијат ваучерот.
Новото коло на Фантази Премиер лигата започнува веќе утре, што значи дека имате малку време за да ги направите последните корекции пред стартот на новите возбудувања.