Сенегалскиот фудбал е обвиен во црно откако беше потврдена смртта на 18-годишниот голман Шеик Туре. Неговата смрт ја шокираше не само спортската заедница во Сенегал, туку и пошироката јавност бидејќи околностите во кои почина навистина се ужасни.
Сенегалското Министерство за африканска интеграција и надворешни работи издаде официјално соопштение во кое потврдува дека младиот голман е пронајден мртов во Гана.
Чеик беше талентиран голман кој тренираше во „Есприт Фут Јеумбел“, клуб познат по работата со млади играчи. За жал, неговата желба да успее во фудбалот ја искористиле група вооружени киднапери.
Киднаперите го убедиле голманот дека тие се луѓе кои ќе го одведат тинејџерот на проба во некој професионален клуб, а всушност го заробиле. За киднапираниот веднаш бил побаран откуп од семејството.
Семејството на заробениот голман се обидело да ги собере потребните пари, но не успеале. Киднаперите кои се заканиле дека ќе го убијат младиот голман, на крајот ги исполниле страшните закани.
Сенегалските власти потврдија дека голманот бил убиен во Гана, а сега двете земји заеднички ќе работат да ги пронајдат извршителите на овој грозоморен чин. Сенегалските власти упатија и јасен апел до сите клубови, тренери и родители да бидат исклучително внимателни кога станува збор за непроверени понуди за пробни тренинзи и трансфери во странство.