Најпознатиот пеналџија на сите времиња, денеска очекувано ќе навива за Чешка и победа на својата земја против Данска во третото четвртфинале на Европското првенство.
Антонин Паненка стана познат по ударот од белата точка против Западна Германија за тогашна Чехословачка во финалето на ЕП во 1976 година.
Паненка на неверојатно ладнокрвен начин ја поткопа топката, која во висок лак мина над легендарниот голман Сеп Маер и заврши во мрежата. Со тој пенал Чехословачка ја победи Западна Германија и ја освои европската круна.
Уникат, удар што стана заштитен знак на фудбалската игра и стил на изведување на пенал што го копираа сите најголеми светски ѕвезди од калибарот на Меси, Роналдо, Зидан, Тоти, Пирло, Рамос…
Паненка-пеналот е секогаш во мода, а Антонин беше еден од најзаслужните за европската круна на Чехословачка во 1976 година, освоена на шампионатот во тогашна Југославија.
„Кога го видов изразот на лицето на Сеп Маер, знаев дека изведов нешто што е необично и што ќе трае. Се надевам дека и сега Чешка ќе направи подвиг што ќе се памети. Ќе ни биде тешко против Данците, но ако одиграме цврсто во одбраната имаме шанси. Не можам да тврдам дека можеме да ја освоиме титулата, за таква прогноза е рано, но додека се игра има надеж“, вели Паненка.
Чешка и Данска ќе играат денеска од 18 часот во Баку, Азербејџан.