Фудбалерот на Реал Мадрид, Фран Гарсија, првпат доби повик за репрезентацијата на Шпанија. Селекторот на Црвената фурија, Луис де ла Фуенте, се одлучи да го повика во репрезентацијата по одличните настапи за Кралскиот клуб оваа сезона, во која забележа осум настапи.
„И ние сме луѓе кои си ја работат својата работа, исто како и сите други. Среќен сум што си ја сакам својата работа. Не сум различен, ниту посебен. Мора добро да играш фудбал за да бидеш во Реал Мадрид. Сепак, тоа не ме прави поразличен од некој кој работи по осум часа на ден“, вели дебитантот во репрезентацијата на Шпанија.
Тој летово се врати во Реал Мадрид од Рајо Ваљекано, каде што настапуваше претходните две сезони, а потекнува од Академијата на Кралевите.
Шпанија во октомврискиот прозорец ќе игра против Шкотска и Норвешка и токму овие натпревари се шанса за деби за сениорите на 24-годишниот фудбалер.