Го врати Силекс во прва лига и сака куп-трофеј, а сега состави одличен хуманитарен тикет

Горазд Михајлов е еден од нашите најистакнати домашни стратези и практично и во кој клуб и да биде, навистина има одлични резултати.

Доказ за тоа е и работата во Силекс, тим којшто експресно по испаѓањето од првата лига, повторно се врати, но и успеа да се пласира во финалето на Купот на Македонија.

„Уште со самото преземања како тренер и играчите коишто беа доведени во Силекс, кој имаше ‘егзодус’, се нафатив и си ставив примарна цел и приоритет да се вратиме експресно. Но, тоа не би успеал да го направам без моите соработници, како и спортскиот директор Стевица Ристиќ.

Имавме задоволителен настап во Конференциската лига и несреќно загубен меч од Петроклуб, но тоа ни беше показател дека треба да го држиме тој правец и мислам дека заслужено се вративме во Прва лига.

Кога сме кај Купот, имавме некои скриени амбиции и потајно се надевавме дека можеме да стигнеме далеку, а еве нè во финалето и како актуелни освојувачи и бранители, да бидеме и прв второлигаш од осамостојувањето на Македонија во финале на Куп, да испишеме историја, што, секако, би било фантастично“, започнува Михаилов.

СЕКОЈА ЗЕМЈА СИ ИМА СВОЈА УБАВИНА

„Како играч и како тренер сум бил во повеќе земји во светот и можам да кажам дека секоја во себе си има своја убавина и карактеристика. Од германската дисциплина и културата, до скандинавската убавина и раскошот но и целата импозантна архитектура во Абу Даби и Дубаи.

Доколку би бил во можност да бирам каде би живеел, би се одлучил за Исланд, бидејќинајголем дел поминав таму, но и кај јужниот сосед, каде што бев три години“, додава предводникот на Силекс.

 

ГОЛЕМО ИСКУСТВО Е ДА СЕ БИДЕ ДЕЛ ОД ТИМОТ НА ХАЏИЕВСКИ

Горазд своевремено беше дел од стручниот штаб на прославениот наш стратег Ѓоко Хаџиевски, каде што заедно соработуваа во неколку клубови на Блискиот Исток.

„Да се биде дел од тренерскиот тим под водство на Хаџиевски, за мене беше големо искуство со фактот дека работев и тренирав играчи кои биле ѕвезди во Бразил и поголеми клубови во Европа.

Стилот на игра е тотално различен, во Европа многу се посветува на тактиката, играта во двата правци и, секако, квалитетот. Во арапскиот фудбал повеќе се посветува внимание на некој индивидуален потег, трката не недостасува, но таа тактичка и техничка подготовка не се на високо ниво. 

Но, се вложува со ангажирање европски тренери и бргу ќе дојде времето кога ќе бидат конкурентни со европските клубови“.

 

НАВИВА ЗА МИЛАН И ЃОКОВИЌ, А ПРЕДНОСТ МУ ДАВА НА ЛИВЕРПУЛ ВО ФИНАЛЕТО НА ЛШ

„Од времето на Марко ван Бастен, Франк Рајкард и Руд Гулит, предводени од Ариго Саки, а потоа и од Фабио Капело, навивам за Милан бидејќи го играат тој тотален фудбал, секогаш за гол повеќе, што и јас се фокусирам како тренер.

Сакам офанзивен фудбал, а од тренери ги следам Јирген Клоп и Карло Анчелоти бидејќи ми се допаѓа нивниот стил на работа. Финалето ќе биде многу интересно, блага предност му давам на Ливерпул, но кој може да го отпише Реал Мадрид по начинот којшто стигна таму.

Од спортистите навивам и особено го ценам Новак Ѓоковиќ поради неговата ментална снага и физичките перформанси“, вели Михаилов.

 

СПОРТСКА РЕТКО ИГРА, А СЛЕДИ ПОВЕЌЕ СПОРТОВИ

„Спортска не играм често, да не речам никогаш, а знам да уплатам од чиста разонода, но сум немал некоја поголема среќа или пак некоја добивка на којашто би се сеќавал.

Повеќе сакам да гледам ТВ, да гледам повеќе спортови, а во последно време гледам НФЛ и голф, за што сопругата знае да каже дека од мене и од спортовите не може да изгледа еден филм“, завршува македонскиот стратег.

- Оглас -

Најнови вести