Реал Мадрид неколку години го имаше приматот на клуб кој во своите редови ги има најголемите фудбалски паразити. Прво тоа беше случај со Герет Бејл, кој не сакаше да си замине и добиваше најголема плата, а воопшто не играше, а потоа тој примат му припадна на Еден Азар, кој исто така беше вишок во Кралскиот клуб, но остануваше поради големата плата која ја добиваше.
Азар летово си замина од Реал Мадрид, па Кралевите сега го немаат тој проблем да плаќаат милиони евра за играчи кои не им се потребни. Летово приматот на Азар за најголем паразит го презеде Буна Сар од Баерн Минхен.
Сенегалскиот дефанзивец не сака да се откаже од платата од три милиони евра по сезона, иако нема шанси да заигра за Баерн Минхен сезонава. Сар дојде во Баерн во 2020 година од Олимпик Марсеј, и тоа за осум милиони евра, а потоа се покажа како најголемо промашување на клубот во последно време.
Три години Баерн безуспешно се обидува да се ослободи од 31-годишниот фудбалер, но Сенегалецот нема намера да си оди. Неколку турски клубови се интересираа за дефанзивецот, но Сар не прифаќа да си замине затоа што знае дека никаде нема да добива ни приближно висока плата како во Баерн Минхен, а тоа се три милиони евра по сезона.
За овие три години, Сар одигра само 28 меча, во кои постигна и еден гол, а имаше и три асистенции. Оваа сезона неговата позиција најчесто ќе биде на трибините или евентуално на клупата за резерви, нема да работи многу, а ќе заработи три милиони евра.