Светската антидопинг агенција отвори истрага за сомнителни практики на Зимските олимписки игри во Кортина, со посебен фокус на натпреварувачите во ски-скокови.
Откако германскиот „Билд“ во јануари објави шокантни информации дека одредени скокачи инјектирале хијалуронска киселина во интимната регија, супстанца која е дозволена во спортот, со цел да добијат поголем натпреварувачки костум и аеродинамичка предност, реакциите не изостанаа.
Директорот на ФИС, Сандро Пертиље, отворено призна дека во овој спорт секој сантиметар игра огромна улога.
„Ако имате костум поголем за само пет проценти, тоа директно значи подолг лет“, изјави тој, алудирајќи на предноста што ја носи ваквата манипулација.
Инаку, измамите со ски-оделата не се новост. Уште во август минатата година, Норвежаните Мариус Линдевик и Јохан Андре Форфанг заработија по три месеци суспензија поради прекршувања на правилата.
Интересно е што и покрај тоа, двајцата ќе бидат дел од ЗОИ 2026 во Кортина.

