Американката тенисерка Коко Гоф не можеше да си ги исконтролира емоциите по дебаклот во четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија, кога беше поразена од Елина Свитолина со 6:1, 6:2 само за 59 минути, па штом го напушти теренот, зад сцената, во напад на бес, таа го удираше рекетот на подот и целата сцена беше снимена од една од бројните камери инсталирани во просториите за играчи.
Тоа беше шокантен испад, некарактеристичен за 21-годишната девојка, која е позната по своето смирено однесување. Во исто време, повторно се разгоре дебатата за приватноста на играчите бидејќи на гранслем-турнирите сè повеќе се инсталираат камери во потрага по ексклузивна содржина. Сличен инцидент се случи и со Ига Швјонтек, чии солзи по освојувањето на „Ролан Гарос“ во 2024 година беа емитувани низ целиот свет.
Гоф го изрази своето незадоволство од објавувањето на снимката.
„Имам проблем со начинот на којшто беше емитувана. Мислам дека одредени моменти едноставно не треба да се прикажуваат. Се обидов да одам некаде каде што мислев дека нема да има камери бидејќи не сакам да кршам рекети. Го направив тоа еднаш на Отвореното првенство на Франција и реков дека никогаш повеќе нема да го направам тоа на теренот бидејќи не мислам дека испраќа добра порака. Отидов на место за кое мислев дека нема да биде снимено, но очигледно беше снимано. Единственото приватно место на овој турнир е соблекувалната“, се пожали третата тенисерка во светот.
Coco 💔💔💔💔💔💔
— The Tennis Letter (@TheTennisLetter) January 27, 2026

